Во живо Ноќно студио во живо Дали системот реагира навреме при насилство? Гледај
Македонија

Полицијата влезе во „Макстил“ – се истражуваат сомнежи за загадување и еколошки криминал

Полицијата влезе во „Макстил“ – се истражуваат сомнежи за загадување и еколошки криминал

Полициски инспектори од Единицата за економски криминал при СВР Скопје спроведуваат контроли во кругот на фабриката „Макстил“, во комплексот на поранешна Железара, поради сомнежи за можно загадување на животната средина и евентуално сторени кривични дела од областа на еколошкиот криминал.

Акцијата се спроведува по добиени оперативни информации и по наредба на Основното јавно обвинителство, а целта е да се утврди дали постојат неправилности што би можеле да претставуваат опасност за животната средина.

Од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека полициските службеници се на терен и преземаат активности за проверка на веродостојноста на добиените информации.

Во рамките на контролата се врши преглед на примероци од почвата и одредени суровини, со цел да се утврди дали постои загадување и евентуално да се идентификува неговиот извор.

Од „Макстил“ порачуваат дека работат транспарентно и дека целосно ќе соработуваат со надлежните институции.

Компанијата во своето соопштение наведува дека поседува А интегрирана еколошка дозвола, издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање, врз основа на која нејзиното работење подлежи на редовни контроли од надлежните органи.

„Во интерес на точно дефинирање на состојбите, Макстил ќе продолжи целосно да соработува со надлежните органи во текот на проверките“, соопштија од компанијата.

Ова не е првпат годинава фабриката да биде предмет на инспекциски активности поврзани со заштитата на животната средина.

Во февруари, Државниот инспекторат за животна средина спроведе вонреден надзор по информации дека вреќи со филтерска прашина биле складирани на отворен простор зад челичарницата.

При контролата било утврдено несоодветно чување на опасен отпад, по што инспекторите наложиле негово препакување и покривање согласно пропишаните мерки.

Засега од надлежните институции нема официјални информации за резултатите од најновата полициска контрола, ниту потврда дека е утврдено кривично дело.

Проверките продолжуваат, а дополнително треба да се утврди дали постојат докази за загадување на животната средина и евентуална кривична одговорност.

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни