Обид за внесување на 2,8 тони нејодирана сол во земјава бил спречен од царинските службеници, откако при контрола на увозната пратка било утврдено дека производот не одговара на декларираната намена. Солта била пријавена како индустриска, но проверките покажале дека станува збор за нејодирана сол, чиј увоз е забранет.
Случајот го откриле царинските службеници од Царинската испостава Скопје 3 при проверка на стока увезена од производител на храна. Увозникот претходно доставил изјава дека солта ќе се користи за индустриски цели, што било наведено и во царинската декларација. Сепак, при физичката контрола било утврдено дека производот не одговара на пријавеното.
Според македонските законски прописи, солта што се употребува во исхраната задолжително мора да биде јодирана, поради можните штетни последици врз здравјето на граѓаните од консумирање нејодирана сол.
Против осомничените е поведена соодветна постапка, а по добиено решение од Агенцијата за храна и ветеринарство, целата количина од 2,8 тони сол била уништена на депонијата „Дрисла“.
Од Царинската управа посочуваат дека откривањето царински измами поврзани со храна е еден од нивните главни приоритети, со цел заштита на здравјето на граѓаните.
Во таа насока, минатата година бил склучен Меморандум за размена на податоци со Агенцијата за храна и ветеринарство, со што, како што наведуваат од Царината, значително е унапредена борбата против криминалот поврзан со храна.