Македонија

Расте бројот на заболени од грип во земјава, за една недела регистрирани 154 нови случаи

Расте бројот на заболени од грип во земјава, за една недела регистрирани 154 нови случаи

Сезоната на грип зема замав во земјава, а најновите податоци покажуваат забрзано ширење на вирусот. За само една недела бројот на новопријавени случаи се зголемил од 112 на 154, односно за 37,5 проценти, информира Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Во извештајот за периодот од 9 до 15 ноември се наведува дека ова е првата недела од актуелната сезона во која е надминат прагот на вонсезонска активност. На национално ниво, грипот веќе достигнал ниско, односно сезонско ниво на активност.

Најголем број нови случаи се регистрирани во Тетово – 49. Следуваат Скопје со 38 и Куманово со 19 заболени. Во Радовиш се пријавени 12 случаи, во Велес осум, а во Гостивар седум. Останатите случаи се евидентирани во други градови низ државата.

Според возрасната структура, најпогодена е групата од 15 до 64 години, во која се регистрирани 102 заболени. Меѓу новите случаи има и 22 лица постари од 65 години, 16 деца до четиригодишна возраст и 14 деца на возраст од пет до 14 години.

Од почетокот на сезоната 2026/2027 досега се пријавени вкупно 609 случаи на грип, што претставува зголемување од 6,7 проценти во споредба со истиот период минатата сезона. Тетово и натаму е град со најмногу регистрирани заболени – 198.

Лабораториските испитувања во последната извештајна недела потврдиле четири примероци позитивни на вирусот на грип. Три од нив се инфлуенца А, без утврден подтип, додека кај еден е потврден подтипот А(H3). Дополнително, регистрирани се и три позитивни резултати на коронавирус.

Од ИЈЗ потсетуваат дека вакцинацијата е најефикасната заштита од сезонскиот грип, особено за лицата од ризичните категории – повозрасните, децата, хронично болните, бремените жени и здравствените работници.

Досега со бесплатна вакцина се имунизирани 25.458 лица од овие категории. Граѓаните кои сакаат да се вакцинираат можат да закажат термин преку интернет-страницата www.vakcinacija.mk.

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни