Шест нови столчиња беа повод за јавна благодарност од Територијалната противпожарна единица во Делчево, која на својата официјална страница на Фејсбук се пофали со добиената донација.
Иако станува збор за основен канцелариски инвентар, од противпожарната единица посочуваат дека новите столчиња ќе придонесат за подобрување на условите за дежурство и престој на пожарникарите.
Донацијата е обезбедена од компанијата „Алпин Ком“, на која пожарникарите јавно ѝ се заблагодарија.
„Територијалната противпожарна единица – Делчево упатува благодарност до општествено одговорната компанија ‘Алпин Ком’ за обезбедените столови, со кои се унапредуваат условите за дежурство и престој на пожарникарите“, се наведува во објавата.
Од единицата оценуваат дека ваквата соработка е позитивен пример за поддршка на локалните институции и најавуваат дека ќе продолжат со напорите за подобрување на работните услови.
„Остануваме посветени континуирано да ги подобруваме условите за престој и работа во единицата, како и да вложуваме во современа опрема и средства за поефикасно справување со пожари и други видови интервенции“, додаваат од пожарната.
Објавата отвора и пошироко прашање за условите во кои работат пожарникарите, доколку и обезбедувањето на основен инвентар, како шест столчиња, претставува повод за посебна јавна објава.