Силен потрес на светските финансиски пазари. Речиси 9.000 милијарди долари од пазарната вредност на акциите се избришани од августовскиот максимум, додека инвеститорите сè повеќе стравуваат дека огромните вложувања во вештачката интелигенција можеби нема да ги донесат очекуваните профити.
Според Ројтерс, распродажбата на акции ги зафати берзите во Азија, Европа и Соединетите Американски Држави, а дополнителна неизвесност предизвикуваат очекувањата за ново зголемување на американските каматни стапки.
Најтешко погодени се азиските финансиски пазари, кои ја бележат најлошата недела од 2020 година. Особено драматична е состојбата во Тајван, каде што акциите за само пет дена изгубиле околу 17 проценти од вредноста, што претставува најголем неделен пад од почетокот на деведесеттите години.
Според податоците на финансиската компанија LSEG, тајванската берза изгубила приближно 1.120 милијарди долари пазарна капитализација од рекордното ниво достигнато на 6 октомври.
Негативниот тренд се прошири и на другите азиски пазари. Јапонскиот индекс Nikkei забележа пад од над четири проценти, додека јужнокорејскиот KOSPI загуби повеќе од четири проценти од вредноста.
Бранoт на распродажба ја зафати и Европа, каде што берзанскиот индекс STOXX 600 во текот на претпладневното тргување се намали за 1,5 проценти.
Сериозни загуби бележи и Волстрит. Американскиот индекс S&P 500 во четвртокот падна за два проценти, забележувајќи шест последователни денови на пад, најдолга ваква негативна серија од 2024 година.
Индексот Dow Jones загуби 1.101 поен, односно 2,2 проценти, додека технолошкиот Nasdaq се намали за 2,3 проценти. Негативниот тренд продолжи и на почетокот на петочното тргување.
Дали се подготвува пукање на балонот со вештачката интелигенција?
Во центарот на финансиските потреси е сè поголемата загриженост околу реалната вредност на технолошките компании поврзани со вештачката интелигенција.
Во изминатите години милијарди долари беа вложени во производство на напредни чипови, изградба на центри за податоци и развој на AI-системи. Ваквиот инвестициски бум доведе до огромен раст на вредноста на технолошките компании, но сега инвеститорите сè почесто се прашуваат дали нивните приходи ќе можат да ги оправдаат високите проценки.
Дополнителен притисок врз секторот создадоа заминувањето на долгогодишниот извршен директор на Nvidia, Џенсен Хуанг, растечката задолженост на технолошките компании и противењето на изградбата на нови центри за податоци.
Дури ни историското излегување на берза на американската компанија Anthropic, позната по системот за вештачка интелигенција Claude, не успеа да го врати оптимизмот.
Компанијата обезбеди околу 81 милијарда долари преку најголемата иницијална јавна понуда на акции во историјата. Иако нејзините акции на првиот ден од тргувањето пораснаа за околу 17 проценти во однос на почетната цена, позитивниот ефект не се прелеа врз останатите технолошки компании.
Стравувања од нов глобален финансиски потрес
Загриженоста дополнително ја зголемуваат очекувањата дека американската централна банка би можела повторно да ги зголеми каматните стапки.
Повисоките камати значат поскапо задолжување за компаниите и помала привлечност на ризичните инвестиции, особено во технолошкиот сектор.
Последиците веќе се чувствуваат и надвор од берзите. Под притисок се најдоа цените на златото и бакарот, додека дел од инвеститорите го пренасочуваат капиталот кон американските државни обврзници, барајќи посигурни вложувања.
Финансиските аналитичари предупредуваат дека доколку продолжи падот на технолошките акции, распродажбата може да се прошири и на други сегменти од глобалните финансиски пазари.
И покрај големите загуби, светските берзи сè уште бележат позитивен резултат во однос на почетокот на годината. Сепак, последните случувања покажуваат дека довербата во неограничениот раст на индустријата за вештачка интелигенција е сериозно разнишана.