Автопатот Кичево – Охрид ќе биде пуштен во употреба до крајот на вториот квартал од 2027 година, најави премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференцијата на граничниот премин Ќафасан, каде што заедно со албанскиот премиер Еди Рама присуствуваше на промоцијата на системот One Stop Shop.
Одговарајќи на новинарско прашање за патната инфраструктура во западниот дел од земјава, Мицкоски рече дека во изминатите две и пол години се интензивирала изградбата на автопатските делници од Коридорот 8.
„Делницата Кичево – Охрид ќе биде пуштена до крајот на вториот квартал од следната година“, изјави Мицкоски.
Според него, изградбата на делниците Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани напредува согласно предвидената динамика. Тој посочи дека почнала и изградбата на делницата Букојчани – Кичево, која треба да ги поврзе овие делови со автопатот Кичево – Охрид.
Со нивното завршување, како што објасни премиерот, треба да се заокружи автопатското поврзување од Тетово до Охрид.
Мицкоски го истакна и значењето на Коридорот 8 за НАТО и за поврзувањето на земјите од регионот. За овој инфраструктурен проект зборуваше и Рама, кој го посочи како важен дел од соработката меѓу Македонија и Албанија.