Околу 12.000 деца во Македонија на возраст од 12 до 17 години биле изложени на сексуална експлоатација или злоупотреба на интернет. Според истражување на УНИЦЕФ, со ваков вид злоупотреба се соочило секое десетто дете што користело интернет.
Особено загрижува податокот дека во 78 проценти од случаите злоупотребувачот бил лице кое детето го познавало. Иако речиси 88 отсто од децата споделиле со некого што им се случило, помалку од еден процент го пријавиле случајот преку официјалните механизми.
Дополнителен проблем е недостигот од национална линија за пријавување материјали со сексуална злоупотреба на деца на интернет. Преку неодамна воспоставен сервис за пријавување на социјалните медиуми досега се евидентирани 25 пријави, од кои 93 проценти се поднесени од лица од женски пол.
Загрижувачки се и податоците за менталното здравје на децата. На бесплатната СОС-линија „Ало Бушавко“ на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, до 18 ноември се регистрирани 360 случаи, а бројот на дојави е зголемен за 25 проценти.
Организациите за заштита на децата предупредуваат дека сексуалната експлоатација сè повеќе се префрла во дигиталниот простор, поради што е неопходна поголема институционална соработка, превенција и навремена поддршка за најмладите.