Се преземаат активности за утврдување на сите околности поврзани со заканувачкото писмо пронајдено во канцеларијата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, најави дека МВР и Јавното обвинителство наскоро ќе излезат со повеќе информации за случајот.
Тошковски потврди дека едно лице е приведено и дека полицијата ги презела потребните мерки за целосно расчистување на настанот.
„Имам информација за лицето кое е приведено. МВР ги презеде сите потребни чекори во врска со осомниченото лице, постапуваме во насока на целосно расчистување на случајот и мислам дека за многу кратко време ќе излеземе со информација“, изјави министерот.
Писмото со заканувачка содржина било пронајдено во канцеларијата на претседателката, по што бил приведен 46-годишен маж. Според досегашните информации, лицето било лоцирано преку видео-надзор.
Содржината на писмото засега не е објавена, ниту се соопштени детали за тоа кому конкретно биле упатени заканите.
Од МВР најавуваат дека повеќе информации ќе бидат соопштени по завршувањето на активностите за расчистување на случајот.