Балкан

Вучиќ најави штрајк со глад „ако се обидат да го уапсат“

Вучиќ најави штрајк со глад „ако се обидат да го уапсат“

Шефот на пратеничката група на Српската напредна партија (СНС), Александар Вучиќ, изјави дека доколку некој се обиде да го уапси, ќе започне штрајк со глад, тврдејќи дека во таков случај милион луѓе ќе излезат на улиците. Во гостувањето на телевизијата „Пинк“ порача дека нема намера да бега или да се крие.

Говорејќи за Студентската листа и можноста за негово апсење, Вучиќ ги обвини политичките противници дека сакаат да им наштетат на луѓето што ги мразат.

„А што ќе правите тогаш со милион луѓе на улица во истиот момент кога тоа би се случило? Јас не сум Мариника (Тепиќ) и Бошко (Обрадовиќ), па навечер да јадам колачи, а преку ден овошје. Немам никаков проблем. Мислеа дека ќе бегам, дека ќе се кријам“, рече Вучиќ.

Одлука за претседателските избори на 13 декември

Вучиќ најави и дека СНС на партиското собрание на 13 декември ќе одлучува дали ќе учествува на претседателските избори.

Како што рече, лично е поблиску до ставот партијата да не учествува на изборите, бидејќи не сака на политичките противници да им даде легитимитет.

„Зошто би го правеле тоа додека нашите луѓе ги прогонуваат, малтретираат и ги шиканираат? Сосема е можно партијата да донесе и поинаква одлука“, изјави тој.

Осврнувајќи се на изборниот пораз, Вучиќ оцени дека СНС може да постигне подобар резултат на следните избори, но претходно мора да се промени, да ги признае сопствените грешки и објективно да се соочи со нив.

Тврди дека добил закани од Врачарскиот клан

За време на истото гостување, Вучиќ тврдеше дека претходниот ден добил закана за убиство од Врачарскиот клан.

Тој рече дека нема да ја пријави заканата во полиција бидејќи нема доверба во неа, обвинувајќи дека полицијата ја презеле „улицата“ и Студентската листа.

„Немам што да им пријавам, не само затоа што немам доверба, туку и затоа што знам за кого работат тие луѓе“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека пораката што ја добил била јасна и недвосмислена и дека му било заканувано со ликвидација. Истовремено, ја обвини полицијата дека не ги уапсила припадниците на овој криминален клан.

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни