Износот на субвенционираниот студентски оброк и натаму останува отворено прашање поради различното толкување на законските одредби. Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека, според пресметките направени врз основа на официјалните податоци за инфлацијата, студентскиот оброк би требало да изнесува 156 денари.
Јаневска посочи дека во Министерството пристигнале три тужби, поднесени од Форумот за образовни промени, Левица и Либерално-демократската партија.
„Постапката е во тек. Како ќе одлучи судот, ние така и ќе постапиме“, изјави министерката.
Во меѓувреме, студентите ќе продолжат да добиваат по 140 денари дневно, додека траат консултациите со студентските претставници за предложениот нов модел.
Владиниот предлог предвидува избор на оператори за храна преку јавен повик и воведување мобилна апликација преку која студентите би добивале 20 отсто попуст на прехранбени производи, вклучително и при плаќање со сопствени средства кај избраните оператори.
Од Левица, пак, обвинуваат дека студентите се оштетени за околу 400 милиони денари поради неусогласувањето на надоместокот со инфлацијата и најавуваат нови законски измени.
Предлогот за зголемување на дневниот студентски оброк од 140 на 200 денари претходно не доби поддршка од парламентарното мнозинство при вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година.