Како изгледал животот пред повеќе од сто години, колку чинел лебот, што се прикажувало во кината и како медиумите известувале за настаните што ја промениле историјата?
Босанскохерцеговскиот портал „Кликс“ започна проект наречен „Времеплов“, дигитална архива што обединува околу 150.000 новинарски текстови од 18 весници, објавувани во периодот од 1866 до 1942 година.
Со помош на вештачката интелигенција, старите скенирани страници се претворени во посебни текстови кои можат лесно да се пребаруваат и читаат. Написите на германски јазик се преведени, додека текстовите од домашните весници, вклучително и оние печатени на кирилица, се приспособени на современиот правопис.
Од историски пресврти до секојдневниот живот
Архивата овозможува пребарување по имиња, места, датуми и клучни зборови, како и откривање на вестите што биле објавувани на денешен ден низ историјата.
Покрај големите историски настани, како анексијата на Босна и Херцеговина и Сараевскиот атентат, читателите можат да откријат и бројни интересни детали за секојдневието – од цените на храната и старите огласи до киното, судските случаи и случувањата низ светот.
Од порталот предупредуваат дека машинските преводи и транскрипции може да содржат грешки, поради што покрај секој текст е достапен и оригиналниот новинарски исечок.
Дигиталната архива е бесплатна и достапна на vremeplov.klix.ba.
Проектот е интересен пример за тоа како вештачката интелигенција може да го зачува историското и културното наследство, овозможувајќи им на новите генерации да го погледнат минатото низ очите на тогашните новинари.