Македонија

Божиновска: За енергетска независност се потребни нови капацитети и вложувања во мрежите

Божиновска: За енергетска независност се потребни нови капацитети и вложувања во мрежите

Енергетиката повеќе не е само прашање на производство, снабдување и цени, туку и на национална безбедност, економска конкурентност и геополитика, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на форумот за енергетска дипломатија.

Таа истакна дека изградбата на нови капацитети и поврзувањето со други енергетски системи се важни за намалување на зависноста на земјава.

„Со секој нов капацитет и секое ново поврзување ја намалуваме зависноста и се приближуваме кон нашата цел, а тоа е енергетска независност. Нашата одговорност е што одлуките што ги носиме денес да обезбедат сигурност за генерациите што доаѓаат“, изјави Божиновска.

Според министерката, зголемувањето на производството од сонце и ветер мора да биде придружено со вложувања во мрежите што ќе ја пренесуваат енергијата до потрошувачите.

На форумот беше истакнато дека војните во Украина и на Блискиот Исток покажале колку брзо меѓународните случувања можат да се одразат врз домаќинствата и компаниите. Во тој контекст, дипломатијата беше посочена како важен инструмент во креирањето на енергетската политика.

Координаторката на Обединетите нации во земјава, Рита Колумбија, порача дека климатската акција не смее да се одложува и дека последиците од недејствувањето веќе се чувствуваат.

Според неа, енергијата не е само прашање на електрани и цевководи, туку и на тоа дали секој дом може да се загрее, компаниите да продолжат со работа, а државите да напредуваат.

Претставникот на УНДП во земјава, Армен Грегоријан, го нагласи значењето на поголемото учество на жените во енергетскиот сектор и во носењето одлуки.

„Во време кога човештвото бара нови извори на енергија, некои општества сè уште спречуваат половина од своето население да го оствари сопствениот потенцијал“, рече Грегоријан.

Повикувајќи се на истражување на УНДП во Европа и Централна Азија, кое ја опфаќа и Македонија, тој наведе дека *само едно од три зелени работни места им припаѓа на жените*.

Од форумот беше упатена порака дека жените треба да имаат можност не само да учествуваат во дискусиите за енергетската политика, туку и да ги носат одлуките.

Ноќно студио

Најнова епизода

Саша Богдановиќ за Српската демократска лига и изборите во Србија | Ноќно студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни