Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во „Ноќно студио“ на 4ТВ призна дека измените на Кривичниот законик донесени во времето на претходната власт биле грешка. Тој најави дека партиската програма предвидува нов Кривичен законик, ветинг и закон за заплена на имот, а се заложи и за повторно испитување на старите случаи.
„Се согласувам дека беше грешка измената на Кривичниот законик“, рече Филипче, додавајќи дека таа „не требаше да се случи“.
Изјавата следуваше по прашањето како граѓаните да им веруваат на заложбите на СДСМ за правда, имајќи ги предвид спорните законски измени донесени додека партијата беше на власт.
Филипче одговори дека е подготвен да ги признае грешките и дека партијата треба да понуди начин за нивно исправување.
„Да, имаше грешки, ама тие грешки сме спремни да ги коригираме“, порача тој.
Според Филипче, само донесувањето нов Кривичен законик нема да биде доволно. Тој најави и посебно законско решение со кое, според неговата замисла, би се коригирале последиците од претходните измени, вклучително и она што го опиша како пропусти и амнестии.
„Не е доволно нов Кривичен законик. Треба нешто што ќе важи и ретроактивно. Нека се отворат сите стари случаи. Нека се отворат, нека се испитуваат“, рече Филипче.
Во овој дел од разговорот тој не го образложи правниот механизам за најавената ретроактивна примена, ниту прецизираше кои предмети би биле опфатени.
Лидерот на СДСМ најави и ветинг што би ги опфатил сите поранешни функционери, како и закон за заплена на имот. Овие мерки, според него, се дел од партискиот „мастер-план“ и од заложбата за задоволување на правдата.
Зборувајќи за сопствената одговорност, Филипче тврдеше дека како министер работел чесно и некорумпирано. Како аргументи ги наведе зголемувањето на платите на здравствените работници, вработувањата и обновувањето болнички одделенија, оценувајќи дека неговото работење му дава кредибилитет да зборува и за исправување на грешките на претходната власт.