Увозот на автомобили би можел да поевтини доколку Собранието ги усвои предложените измени на Законот за данок на моторни возила. Независниот пратеник Миле Цеков поднел предлог-закон со кој бара намалување на давачките за увоз на возила, преку укинување на две од постојните компоненти.
Со предложените измени се предвидува укинување на вредносната компонента, позната како данок на луксуз, за автомобили со вредност до 20.000 евра. Втората мерка се однесува на укинување на CO₂ давачката за возилата што исполнуваат ЕУРО 6 или повисок еколошки стандард.
Според образложението на предлогот, доколку измените бидат усвоени, за автомобил со вредност од 15.000 евра и ЕУРО 6 стандард, увозните давачки би се намалиле од сегашните 6.000 до 7.000 евра на околу 2.700 евра.
Предлогот се однесува и на нови и на половни автомобили што се увезуваат во земјава.
Како аргумент за измените, подносителот наведува дека увозните давачки во Македонија се повисоки во споредба со дел од земјите во регионот. За автомобил со вредност од 15.000 евра, според доставеното образложение, давачките во Албанија изнесуваат околу 3.000 евра, во Косово, Србија и Црна Гора околу 3.500 евра, а во Босна и Херцеговина околу 2.550 евра.
Во предлогот се посочуваат и проблеми при царинските постапки. Според Цеков, се случува автомобил купен за 15.000 евра да биде проценет на 19.000 евра, а во одредени случаи да не се признава ниту сертификатот ЕУР.1. Тоа, како што се наведува, создава дополнителни трошоци за граѓаните преку царината, данокот на луксуз, CO₂ давачката и ДДВ.
Целта на предложените измени е да се намали финансискиот товар за граѓаните, да се овозможи полесен пристап до понови автомобили и да се придонесе за обновување на возниот парк во државата.
Предлог-законот сега треба да помине низ собраниска процедура, по што ќе се знае дали предложените мерки ќе бидат прифатени и во каква форма.