Остри критики кон Министерството за образование и наука упати Бленди Ходаи од Форумот за образовни промени, поради ставот дека Министерството не е надлежно за усогласување на субвенционираниот студентски оброк со инфлацијата.
Гостувајќи во „Ноќно студио“ на 4ТВ, Ходаи оцени дека со ваквите образложенија се прави обид за релативизирање на одговорноста за неусогласувањето на износот што го добиваат студентите.
Тој нагласи дека надлежноста, според неговото толкување, произлегува од фактот што Министерството ја спроведува мерката и располага со буџетските средства наменети за нејзина реализација.
„Не сме ние криви дека имаме законски и уставни трупци во институцијата, што не ги разбираат законите, не разбираат кој е одговорен за што. Затоа сме во оваа ситуација како држава“, изјави Ходаи.
Според него, недозволиво е студентите и граѓанските организации постојано да им укажуваат на институциите кои се нивните надлежности и законски обврски.
„Не можеме сега да ги научиме многу поискусни луѓе кој е одговорен за што“, додаде тој.
Ходаи смета дека наместо префрлање на одговорноста, институциите треба да понудат конкретно решение за студентите кои со години бараат усогласување на субвенционираниот оброк со растот на трошоците за живот.