Етничката припадност и навредите на социјалните мрежи нема да го поколебаат во борбата за функционална држава во која законите ќе важат подеднакво за сите, порача Бленди Ходаи од Форумот за образовни промени во „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Говорејќи за навредливите коментари упатени кон него, Ходаи посочи дека по речиси една деценија општествен активизам, за првпат одлучил јавно да одговори на навредите, користејќи хумор како начин за справување со говорот на омраза.
„Не можат да разберат дека еден Албанец може да критикува или да биде премиер или на некоја друга функција, за жал“, изјави Ходаи.
Тој нагласи дека неговата етничка припадност никогаш не била пречка да учествува во јавни дебати и да ги критикува политиките на институциите.
„Јас се гордеам што сум Албанец, се гордеам што албанскиот јазик ми е мајчин јазик, но исто така се гордеам и што знам македонски јазик и многу лесно можам да дебатирам и со премиерот и со министерката на македонски јазик“, рече Ходаи.
Тој посочи дека омразата и навредите нема да влијаат врз неговиот активизам, ниту ќе го променат неговиот однос кон граѓаните.
„Не ми влијае воопшто ако некој ме мрази за тоа. Јас ќе продолжам да се борам и за нив што ме мразат, затоа што знам дека целта ми е многу јасна – функционална држава. Држава каде што законите важат за сите, каде што нема двојни стандарди, нема селективна правда и нема селективно спроведување на законите“, нагласи Ходаи.