Швајцарските граѓани на денешниот референдум го поддржаа ублажувањето на законските ограничувања за извоз на оружје, според првичните проекции објавени по затворањето на гласачките места.
Податоците на институтот за истражување на јавното мислење „gfs.bern“ покажуваат дека 54 отсто од гласачите се изјасниле за законските измени, но резултатот допрва треба да биде потврден со официјалното пребројување на гласовите.
Со реформата се олеснува извозот на воена опрема во 36 партнерски земји, под услов да не се нарушуваат принципите на швајцарската неутралност. Се ублажуваат и ограничувањата за натамошен извоз на воена опрема од земјите што ја набавиле од Швајцарија.
Поддржувачите на реформата сметаат дека новите правила ќе овозможат поголема конкурентност на швајцарската воена индустрија на меѓународниот пазар. Противниците, пак, предупредуваат на ризикот оружјето да заврши во конфликтни подрачја или во рацете на режими кои го прекршуваат меѓународното право.
И покрај законските измени, ограничувањата за испорака на воена опрема во Украина остануваат.
Според првичните проекции, Швајцарците се изјасниле и за други значајни референдумски прашања. Околу 55 отсто гласале против зголемувањето на ДДВ, додека 61 отсто ја поддржале иницијативата за забрана на продажбата и употребата на пиротехнички средства за бучни огномети.
Конечните резултати од референдумот сè уште се очекуваат.