Трагедија во зоолошка градина во индискиот град Ајзол, каде што четири мечки избегаа од оградениот простор, а 44-годишен вработен го загуби животот. По нападот, сите четири животни биле застрелани, потврдија надлежните.
Несреќата се случила додека работникот извршувал работни задачи во зоолошката градина. Според информациите на „Телеграф Индија“, една од мечките ненадејно го нападнала, а неговите колеги безуспешно се обиделе да му помогнат.
Се претпоставува дека животните успеале да избегаат откако ископале дупка под оградата на просторот во кој биле сместени.
По трагичниот инцидент, надлежните издале наредба за застрелување на сите четири мечки.
Министерот за шумарство ја посетил зоолошката градина и го информирал премиерот на индиската сојузна држава Мизорам, кој веднаш наредил спроведување истрага.
Од управата на зоолошката градина е побарано итно да изготви план за подобрување на безбедносните мерки и спречување слични инциденти во иднина.