Македонија

Венеција со погрешен пристап за албанскиот јазик? Зибери: Албанскиот јазик не е јазик на малцинствата

Пристапот за тоа како Венецијанската комисија го оценува законот за употреба на јазиците е погрешен, смета познавачот на правни прашања Насер Зибери.

Во точка 99 од предлог заклучокот споделен на интернет, кој се уште не е официјален, пишува дека:

„Многу одредби од Законот за јазици (од 2018 година) ги надминуваат европските стандарди дефинирани особено во Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици”

Ова мерење на законот за албанскиот јазик во однос на конвенциите за етничките малцинства според Зибери не е на место, бидејќи амандманот 5 од Уставот, албанскиот не го третира како јазик на малцинствата.

Друг проблем во оценувањето од Венецијанската комисија, според Зибери е анализата и споредбата што ја прави Комисијата меѓу законот за јазиците од 2008 и законот усвоен во 2018.  “Доколку стариот закон  беше коректен, немаше да има потреба од нов закон“, коментира Зибери, додавајќи дека заклучоците треба да се прават согласно Уставот. Во предлог заклучокот на Комисијата  кој е неофицијален исто така се вели дека во неколку полиња законот за јазиците наметнува нереални правни обврски и го попречува текот на судските процеси.

Се очекува официјалната верзија со заклучоците за законот за употреба на јазиците, Венецијанската комисија да го објави на 17 октомври.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни