Платформата „Разговори за иднината во 12:05“ ја одржа втората сесија посветена на 35-годишнината од независноста на Македонија, насловена „35 години потоа…“, на која учесниците дискутирале за политичкиот и општествениот развој на државата, европската интеграција, иселувањето, економските разлики и потребата од промени во политичкиот систем.
Како што соопштија од платформата, на средбата учествувале граѓански активисти кои никогаш не биле членови на политички партии, актуелни опозициски носители на јавни функции и претставници од различни генерации на СДСМ. Разговорот се одвивал според правилото „Chatham House“, односно ставовите од дискусијата не се припишуваат на конкретни учесници.
Според заедничките заклучоци објавени по средбата, во изминатите 35 години Македонија, во општествено-политичка смисла, имала „повеќе ненаучени лекции отколку суштински системски прогрес“.
Од платформата оценуваат дека во процесот на меѓународно етаблирање на државата биле направени болни компромиси кои предизвикале долгорочни поделби во општеството и го отежнале спроведувањето на реформите.
Симболиката на името „12:05“, велат учесниците, треба да испрати порака дека за дел од потребните промени веќе е доцна, но дека не смее да стане предоцна. Во тој контекст го посочуваат и долгогодишното очекување за полноправно членство на Македонија во Европската Унија.
Во заклучоците се критикува и начинот на кој била спроведена транзицијата и приватизацијата, за кои учесниците сметаат дека придонеле за зголемување на економските разлики и осиромашување на голем број граѓани.
Како еден од најсериозните проблеми било посочено и иселувањето на младите.
„Македонија перманентно старее во демографска смисла“, се наведува во соопштението, при што од платформата предупредуваат дека економското иселување предизвикува сериозна кадровска ерозија во државата.
Учесниците упатиле критики и кон начинот на функционирање на политичкиот систем, оценувајќи дека професионалната политика, наместо простор за носење одговорни државнички одлуки, во дел од случаите се претворила во средство за лични интереси и богатење.
Во соопштението се изнесуваат и остри критики кон актуелната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Од платформата ја обвинуваат власта за недоволна борба против криминалот и корупцијата, отсуство на суштински реформи во правосудството, проблеми во функционирањето на јавните услуги и неисполнети ветувања.
Критики се упатуваат и кон раководствата на двете најголеми партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Учесниците оцениле дека традиционалните партии се соочуваат со идеолошко осиромашување и недостиг од визија за решавање на долгогодишните проблеми во државата.
Меѓу конкретните промени што ги предлага платформата е измена на изборниот модел. Како прва фаза се предлага воведување една изборна единица, а потоа и отворени кандидатски листи.
Според учесниците, ваквиот модел треба да овозможи поголема демократизација, политичка разноликост и поголема директна одговорност на пратениците пред граѓаните.
Од платформата предлагаат и воспоставување, како што велат, правичен даночен систем со кој преку прераспределба на богатството би се придонело за намалување на сиромаштијата.
Во завршните заклучоци се повикува на надминување на политичките и етничките поделби и создавање поширок опозициски потенцијал за промени.
„На Македонија ѝ е потребен нов општествен договор како основа за создавање широк опозициски потенцијал за промени“, порачуваат од „Разговори за иднината во 12:05“.
На втората сесија учествувале Игор Ивановски, кој бил модератор, Андреј Петров, Гордан Георгиев, Емилијан Станковиќ, Никола Ќуркчиев, Славјанка Петровска, Амар Мециновиќ, Емир Чориќ, Мирослав Јовановиќ, Ема Нешковска, Димо Велковски, Коста Начевски, Насе Насев, Милена Стевановиќ, Игор Алаџајков, Милена Цветановска, Костадин Ацевски, Горан Стојковски – Диро, Оливер Стојмановски, Владимир Трајковски, Мартин Михајловски, Ненад Марковиќ, Предраг Трпески, Драган Миновски, Звонко Давидовиќ, Марин Гавриловски, Ивор Мицковски, Сретен Богоевски, Висар Вишка, Љубиша Николовски, Умејр Мухамеди, Невзат Умер, Бојан Столевски, Даријан Главинац, Нури Неџипи, Влатко Неделковски, Ристе Костовски и Христијан Божиноски. Александар Бајдевски се вклучил со онлајн обраќање.