Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски вели дека се прави класично спинување со терминот предвремени парламентарни избори.
„Изминативе денови а и денес, гледаме дека премиерот прави класично спинување со терминот предвремени избори во октомври 2020 година. Како долгогодишен Претседател на Собранието на Република Македонија кој има закажано голем број на претседателски, парламентарни и локални избори, би сакал да споделам со јавноста дека согласно Уставот на РМ член 63 став 3 “Изборите за пратениците во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштање на Собранието”. Бидејќи мандатот на овој пратенички состав започна на 30 декември 2016 година, значи дека секој термин за избори после 1-ви октомври 2020 година е термин за редовни избори и тогаш важат правилата од Изборниот законик како за редовни избори а Претседателот на Собранието ги распишува изборите без да се распушти Собранието“, вели Трајко Вељаноски.