УЈП констатирала неправилности и во БМЈ Медиа Груп, инаку сопственик на 1ТВ, а сопственици се Јасна Мандиќ и таткото на Бојан – Миле Јовановски.
„БМЈ ја набавила опремата, искажале ДДВ, но не извршиле префактурирање на 1ТВ. БМЈ не евидентирал приходи од продажба на карти, а при контрола на друго правно лице утврдено е дека се скриени приходни. Се продале повеќе карти, а помал број се регистрирани во книговодството.“, велат од УЈП.
БМЈ Медиа груп издала фактури на 1ТВ за промоција на концерти на Северна и Марија Шерифовиќ, фактурите телевизијата ги платила, но оставрениот приход никаде не бил регистриран.
Од БМЈ Медиа груп се трошеле пари и за 1ТВ надвор од дејноста која ја имала компанијата. Во 2018 година БМЈ Медиа Груп дала позајмица на Миле Јовановски која до крајот на годината не била вратена. Не се работи за иста сума која претходно била дадена од 1ТВ кон БМЈ Медиа Груп.
„Во 2019 година даночниот обврзник, нема побарувања, тие се сведени на 0. Иако, во 2018 година дал позајмица на еден од основачите. На оваа сума сега од страна на УЈП е пресметан данок“, изјавија на брифингот од УЈП.
Парите кои биле исплатени кон Миле, не се знае дали се исплатени во кеш или на трансакциска сметка. Седиштето на 1ТВ и БМЈ Медиа груп е исто. Сместено во објект на Томато продукција за што имале и договор, а киријата изнесувала 3200 евра плус 800 евра месечно за користење на опремата на Томато за потребите на 1ТВ.
Вработени во 1ТВ имало 46, а хонорари на останатите лица им се исплаќале преку авторка агенција. Од УЈП велат при контролите се појавило и ново физичко лице кое се претставило како нов сопственик на 1ТВ и БМЈ Медиа груп и изјавило дека ќе ги подмири сите побарувања. Станува збор за државјанин на Македонија кој досега не бил дел од медиумскиот бизнис, ниту пак е познат за јавноста.