Видеото во кое се гледа како зема мито, го натера заменик-министерот за здравство, Асим Муса, да поднесе оставка. Тој вели дека станува збор за политичка пропаганда и дека ќе продолжи со неговата професионална работа, но се повлекува од функцијата со цел случајот да се расчисти до крај.
Муса по професија уролог, вршел хируршки интервенции за 1.000 евра во болница во Струга, пазарејќи се во здравствени установи. По ова, Јавното обвинителство, преку писмено соопштение, извести дека во рамките на предистражната постапка ќе бараат меѓународна помош со цел да се обезбеди оригиналот на објавената снимка, како и да се утврди кој го снимил и кој го објавил видеото. Од Обвинителството, истакнуваат дека наскоро Муса ќе биде повикан да даде исказ.
Министерот Венко Филипче, изјави дека ги осудува сите случаи во кои се земаат пари за медицинска интервенција.
Реагираа и политичките партии. Генералниот секретар на ДУИ, Артан Груби побара ветинг за сите функционери, со цел како што рече, да владее неселективна правда и граѓаните да се чувствуваат рамноправни.
Пред Министерството за здравство, Алијанса за Албанците, освен морална, побара и правна одговорност.
Асим Муса на функцијата заменик-министер за здравство беше назначен во јуни минатата година, по измените во Кабинетот на премиерот Зоран Заев.