Рано изутрината во 5 часот и 15 минути во селото Ваксинце полицијата заедно со единицата за специјални задачи по извршен претрес на објект сопственост на 50 годишен жител на тоа село каде откриле 81 мигрант од Блискиот исток.
„При претрес по претходно обезбедена судска наредба во објект негова сопственост пронајдени се 81 лице мигранти и тоа 19 малолетници има меѓу нив. Лицето е приведено е мигрантите се спроведени во транзитниот центар во Табановце“, рече Тони Ангеловски, портпарол на МВР.
Од МВР велат дека се продолжува со истражните дејства а против лицето кое ги криумчарел мигрантите ќе му биде поднесена кривична пријава до Обвинителството за да отвори постапка. Лицето, според сознанија на МВР имало намера мигрантите да ги префрли кон Србија преку нелегални премини.
„Главно ја преминуваат зелената граница со Грција, околу Гевгелија и Валандово ги преземаат други лица-криумчари, ги носат во кумановско-липковскиот регион каде што ги преземаат луѓе кои транзитираат преку српската граница и преку Србија нагоре кон Европската унија“, дополни Ангеловски.
Ангеловски вели дека МВР презема сериозни мерки за сузбивање на оваа појава, за што, како што истакна тој, постои многу добра соработка меѓу полициите од регионов. Инаку, во една од последните акции на МВР беа фатени двајца полициски службеници, кои беа во ланецот на криумчарење мигранти.