Македонија

ЛДП бара Грција да го почитува Преспанскиот договор – Милевски: Таблите со понижувачкото име „Скопиа“ и натаму не се променети

И по повеќе од една година од договорот во Преспа нашиот јужен сосед се уште не ги сменил таблите, ова го изјави претседателот на ЛДП Горан Милевски на денешниот состанок на младите на ЛДП. Тој најави дека на првата владина седница ќе бара од министерот за надворешни работи Никола Димитров да побара и владата во Атина да го почитува Преспанскиот договор.

„Владата и премиерот сметаме дека ја пропуштија шансата која што ја налагаше договорот да бидат стратешки партнери на Македонија и да бидат нашиот глас во НАТО и во ЕУ. Тоа практично го премолче Мицотакис на Самитот и не влијаеше доволно и не лобираше доволно за Македонија да добие датум. Ние мораме да констатираме со жалење дека дел од Преспанскиот договор не е испочитуван. Враќајки се со возило од Атина до граница не видовме ниту една табла со новото име Северна Македонија и се уште стои понижувачкото име Скопиа“, вели Милевски.

Емил Кирјас рече дека во самиот текст на Резолуцијата на европските либерали е наведено дека Македонија и Албанија треба одделно да бидат разгледувани а не во пакет.

„Тоа беше потврдено и со едногласно усвоената резолуција во кој што се потсетува на ставот на европските либерали дека до крајот на оваа година треба да се одржи првата Меѓувладина конференција за почеток на преговорите за полноправно членство на нашата земја во унијата. Она што е исто така многу важно е дека во самиот текст се потврдува дека секоја земја треба да биде индивидуално оценувана“, изјави Кирјас.

Инаку Милевски запрашан за тоа како ќе настапат на претстојните парламентарни избори рече дека се уште не одлучиле, бидејќи како што истакна тоа ќе зависи дали ќе се оди со една изборна единица и отворени листи. Но доколку не биде постигнат консензус околу тоа рече дека ќе бара да се оди со шест изборни единици, но со отворени листи.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни