Македонија

Макрон за „Економист“: Ако се направат реформи следниот период, нека се отворат преговори за Северна Македонија

Францускиот претседател Емануел Макрон излезе со помек став во однос на почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија, но под услов следните месеци двете земји да ги завршат клучните реформи, а во меѓувреме да се реформира преговарачката методологија.

-Доколку направиме реформи во следните неколку месеци, подготвен сум да се отворат преговори. Доколку и тие направат дополнителни напори кои им преостануваат. Но потоа не сакам никој повеќе да влегува во членство додека не ја реформираме ЕУ. Мислам дека тоа е предуслов, неопходен и искрен, нагласува Макрон во интервјуто за „Економист“, кое е направено на 21 октомври, а е објавено денеска.

Во него тој меѓу другото вели дека зелено светло за почеток на преговори на самитот во Брисел имало само за Северна Македонија. Францускиот претседател нагласи дека други земји-членки се криеле зад француското вето, а всушност биле против отпочнување преговори со Албанија. Одвојувањето на двете земји, според Макрон ќе било голема грешка. Тој додава дека речиси половина од членките биле против почеток на преговори со Тирана.

-Не мислам, знам дека е така. Прашајте ги утре дали сакаат преговори со Албанија. Половината ќе ви кажат не. Сакаат да отворат со Северна Македонија, тоа е мала земја, го сменија името и тоа е навистина историско постигнување. Таа не ги плаши луѓето. Но реалноста е дека доколку не отворите и со Албанија создавате ужасна траума во регионот. Албанските јазични заедници се насекаде. Доколку ја понижите Албанија, ќе направите трајна дестабилизација на регионот, вели Макрон во интервјуто за „Економист“.

Нагласува дека мора да се спроведе реформа на процедурите за  преговарање, сегашните ги оценува како нестратешки и премногу бирократски и додава дека прашањето за реверзибилност на процесот мора да се земе предвид.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни