Дополнителни 180 милиони долари ќе добие автопатот Кичево – Охрид кој е дел од Коридорот 8, за доизградба на делницата. Предлогот за одобрување на државна гаранција за новиот кредит помина на собраниската Комисија за финансирање и буџет а по скратена постапка преминува и на собраниска седница. Заменик министерката за финансии Ширет Елези рече дека по одобрувањето на овој договор ќе се гарантира изградбата на овој автопат.
„Се реализација на овој предлог закон е предвидено и директно влијание врз зголемувањето на вработувањата и економскиот раст, поради невработеноста која е застапена во југозападниот дел во С.Македонија, односно да се реализира дополнителни активности за изградба на автопатот, од кој ќе имаат голема корист.“, рече Елези.
Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе го поддржат предлогот бидејќи овој проект тие го започнаа и како што рече Никола Мицевски тој има голема важност. Но, СДСМ се тие што претходно тврдеа дека проектот е криминален а сега кога се на власт, го говорат спротивното, рече Мицевски.
„Погледнете ја сега иронијата, оние што зборуваа дека ова е криминална работа, ова е погрешена траса, тука има некои провизии ни праќаат оцена на законот кај што велат, целта на проектот е подобрување на транспортните врски кон Охрид“, изјави Мицевски.
Дополнителниот заем се потребни за изградба на тунел, санација на свлечишта, новопроектирани патни јазли и други работи кои се испуштени или погрешени, образложи Диме Велковски од СДСМ
„Овие непредвидени, погрешени, непроектирани други позиции на овој патен правец се дополнителни активности“, рече Диме Велковски.
Кредитот е со ток на отплата од 20 години со вклучен грејс период од 5 години. Ова е трет анекс на договорот за заем за овој автопат кој беше потпишан во 2013 година, а изградбата на оваа делница од Коридорот 8 започна во февруари 2014 година. За овој проект СЈО отвори предмет Траекторија во кој се обвинети Никола Груевски, Владимир Пешевски и Миле Јанакиевски за потпишување штетен договор со кој е оштетен буџетот од околу 150 милиони евра. Деновиве поради застареност на делото Груевски повеќе не е обвинет, додека за другите се уште е води судска постапка.