По прекинот на дијагностичките испитувања за бруцелоза кај говедата, од понеделник, 23 ноември, повторно ќе започне лабораториското тестирање. Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека е најдено решение за продолжување на активностите, по барањата на ветеринарните друштва.
Испитувањата ќе ги спроведува Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, со што ќе се овозможи реализација на предвидените мерки од Програмата за здравствена заштита на животните за 2026 година.
Од АХВ информираат дека Агенцијата и Факултетот склучиле договор за донација, со кој се обезбедува континуирано спроведување на лабораториските анализи. Решението следува по барањата што ветеринарните друштва ги изнесоа на неодамнешниот мирен протест пред Агенцијата.
Целта на испитувањата е откривање, следење и контрола на бруцелозата кај говедата, како и спречување на нејзино појавување и ширење. Со тоа треба да се овозможи ставање во промет на здрави животни и нивни производи, но и да се заштити јавното здравје.
Од Агенцијата посочуваат дека продолжувањето на лабораториските испитувања е од значење за сточарскиот сектор, потрошувачите и економијата.