Новото златно-бакарно откритие во близина на рудникот Челопеч повторно го актуелизира прашањето за улогата на современото рударство во економскиот развој на Југоисточна Европа.
Според објавените информации, лабораториските тестови на примероците од новото наоѓалиште во Бугарија покажале содржина од 10 до 25 проценти бакар и од 12 до 20 грама злато на тон. Иако овие показатели се охрабрувачки, за утврдување на економската исплатливост се потребни дополнителни истражувања и анализи.
Илија Грков, главен оперативен директор на „ДПМ Металс“, во интервју истакнува дека за Челопеч и околните општини рударството претставува многу повеќе од индустриска активност. Тоа е дел од пошироката развојна перспектива на регионот.
Особено значајно е прашањето за односот меѓу рударството, животната средина и квалитетот на живот во локалните заедници. Еколошките стандарди, современите технологии и соодветниот надзор се клучни за одговорно управување со рударските проекти. Екологијата не мора нужно да биде полоша во рударските места – пресудни се начинот на кој се развива проектот и стандардите што се применуваат.
„Иднината на Челопеч има значење далеку зад границите на самиот рудник. Тој гарантира стабилно вработување, работа за локалните бизниси, приходи за општините и државата, како и можност за продолжување на нашите долгорочни партнерства со локалните заедници. Затоа инвестициите во геолошки истражувања се инвестиција не само во иднината на компанијата, туку и во одржливиот развој на целиот регион“, коментираше Грков.
Додека соседите го развиваат секторот, македонското рударство во септември 2026 година, во однос на септември 2025 година, бележи опаѓање од 7.7%. Проектот за бакар во Иловица останува единствената сериозна инвестиција, а паралелно се спроведуваат геолошки истражувања само кај Крива Паланка, за присуството на антимон. Според проекциите на инвеститорот, рудникот за бакар во Иловица има потенцијал да биде меѓу топ-3 извозни компании во државата, со извоз од над 200 милиони евра годишно. Ваквите прогнози беа споделени пред домашните власти да го поскапат Тарифникот за концесии за
експлоатација на минерални суровини, кој стапи во сила на почетокот на 2025 година и оттогаш е зголемена и наплатата по овој основ. Наместо досегашните 2%, во моментов „за експлоатација на минерални суровини, концесионерот плаќа надоместок во износ од 4% од пазарната вредност на бакар метал по тон, во секој тон произведен бакарен концентрат од страна на концесионерот“.
Во меѓувреме, концесиите ги поскапе и соседна Бугарија. Тамошните функционери тврдат дека рударската индустрија е еден од столбовите на националната економија, а со тоа и на економскиот раст.
„Затоа, потребна е многу поопфатна визија за неа. Мора јасно да се наведе дека еден од приоритетите на државата е развојот на рударската индустрија и сите природни ресурси – и традиционални и нови, вклучувајќи ги и критичните суровини и материјали“, изјави заменичката министер за енергетика Љубомира Ганчева.
Во меѓувреме, властите развиваат конкретни предлози за измена на Законот за подземни ресурси, со цел забрзување и олеснување на административните процеси и отстранување на постојните пречки во одобрувањето на рударските проекти. Намерата е, од една страна, да се олесни процесот, а од друга – државата да ја зајакне контролата и транспарентноста во известувањето и спроведувањето на концесиските активности. Ганчева ги коментираше и забелешките во јавноста.
„Според мене, голем дел од тензијата е политички мотивирана или поради недостаток на информации и ширење страв. Не можеме целосно да ги неутрализираме политичките причини. Но, кога луѓето ќе бидат информирани, верувам дека ставовите ќе се променат. Ја следам темата со години и гледам дека има тензија на многу места низ земјата. Во исто време, ако ги погледнеме областите каде што има големи енергетски инфраструктури или големи концесиски договори, таму има највисоки плати, највисока вработеност и најсериозни социјални пакети. Има исклучоци, но генерално животниот стандард таму е добар. И не може да се каже дека еколошките индикатори во овие населени места се нужно полоши. Во секој случај, нема разговор на оваа тема, ќе го започнеме овој дијалог“, изјави Ганчева.
Таа додаде дека идејата на властите во Бугарија е да се олесни работата на рударската индустрија во практика, бидејќи таа е во срцето на зелената транзиција, ‘рбетот на економијата и на националниот суверенитет. Воедно, властите во Софија ги поскапеа и концесиите.