Македонија

Рускоска на отчер кај Јовески, Советот на обвинители нема да расправа за СМС пораката

Советот на јавни обвинители нема да отвора постапка за смс пораката на обвинителката Вилма Рускоска испратена до еден од судиите кои одлучувале за куќниот притвор на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Претседателот на Советот Ацо Колевски за ТВ21 изјави дека писмото што Рускоска го испратила до нив го разгледале но оцениле дека немаат надлежност да постапуваат.

„Писмото го разгледавме на состанок на кој оценивме дека не сме надлежни да бараме одговорност од јавните обвинители. Согласно законот таква надлежност има јавниот обвинител и поради тие причини не можеме да преземеме мерки за утврдување одговорност. Писмото од Рускоска беше чисто запознавање и со доставената изјава на обвинителката имаме право да се информираме за состојбите во обвинителството“, рече Колевски.

Рускоска писменото образложение напишано на неколку страници го доставила и до Јавниот обвинител во кој има објаснување за испратената. Од обвинителството велат дека се уште го немаат разгледано писмото и засега немаат став како ќе постапат. Неофицијално, судијата до кого била испратена смс пораката е Јани Нича.

Во вчерашниот Магазин на ТВ21 Клик Плус на која се дебатираше за состојбите во судството Љупчо Зиков рече дека тоа е корумпирано и итно е потребен ветинг.

„Ако имаме таква детектирана криза ако имаме детектирана корупција во судството, сега и малите деца знаат дека судот е корумпиран, се гледа и по пресудите, се слуша, се чита, видовме и преку Рекет колку пари се во игра на крајот на денот. Зарем тоа не е за ветинг“, рече Зиков.

Поранешниот пратеник Павле Богоевски вели дека проверката треба да се направи и на нивните телефони.

„Може слободно да кажам дека гаќите се најмалата работа која што треба да им се истресе на тие луѓе и вработените во тие институции. Листинзи и календари на дневна активност. Секоја комуникација секоја конверзација меѓу еден функционер и странка или на двајца функционери е прашање на јавен податок“, рече Богоевски.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ тврди дека листата на оние кои вршат рекет е многу поголема и дека за тоа се запознаени странските амбасади.

„Десетици и десетици бизнисмени големи во Република Македонија се рекетирани од истата екипа. Не сите имаат пријавено во обвинителството поради тоа што не веруваат во обвинителството, редовното, но сите имаат пријавено во странски амбасади“, вели ДИмовски.

Пораката на Рускоска, која судиите потоа ја објавија и обвинија дека со тоа се прави притисок и им се нарушува угледот на судиите предизвика револт на судиите кои веднаш потоа одржаа колегиум. Ако ти со советот сте ја пуштиле Катица, да знаеш дека од гаќи ќе ве истресам, цел совет со финансиска истрага. Заради судии како вас никогаш нема во ЕУ да влеземе. Ако не е твојот совет, се извинувам. Ама ако сте вие, ќе видите, пишуваше во пораката која Рускоска го испратила до судија на Апелациски суд.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни