Пламен ги зафати куќите на 10 семејства во Петровец. Во пожарот изгоре се што имале. Семејствата гледале како им горат собите и се обидувале да спасат некои од предметите што ги имале таму. Пожарот го гледале и двегодишните близнаци Рабија и Раби. Тие се најмалите деца кои живееле во овие бараки. Останале без облека. Седат покрај куќите и гледаат во тоа што останало од нив.
„Брзо ги спасивме децата. Излеговме надвор, немаме каде да седиме. Седиме надвор на дожд, овде беа бараките, бевме 10 семејства. Децата ми ги земаа соседите, таму се на дожд“, вели Виолета Буцолај, жителка.
И Емран зборува за голготата што ја преживеале денешново утро.
„Спиевме. Што да направиме. Ако може некој да ни помогне малку. Сите куќи се изгорени. Сите ги разбудивме од сон. И мене ме разбудија.
Според жителите пожарникарите дошле по 20 минути. Како што велат тие, пожарот го предизвикало дете кое си играло со запалка“, рече Емран Буцолај.
„За 20 минути дојдоа пожарникарите. Но додека дојдоа се изгоре, облеката, мебелот, немаме ништо“, изјави Ќерет Буцолај.
И багерите беа на терен за расчистување на теренот. Градоначалникот на Петровец Борче Митевски рече дека ќе им помогне на жителите со храна а потоа и со живеалишта за семејствата.
Додека градоначалникот на општина Петровец очекува средба со министерката Радмила Шеќеринска за решавање на прашањето за живеалишта на семејствата, тие ќе престојуваат кај нивни роднини. Упатуваат апел до сите кои се во можност да им дадат облека за децата и малку помош да ги реновираат куќите.