Хрватска од денеска па во наредните шест месеци ќе претседава со Советот на Европската унија.
Официјалното преземање од Финска која изминативе 6 месеци претседаваше ќе се случи на 9 јануари кога во Загреб ќе пристигнат членовите на Европската комисија на чело со претседателката Урсула фон дер Лајен.
Во Загреб овој ден се смета за историски, а хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ ќе има средби со голем број челници на европските институции. Тој веќе на 7 јануари патува во Париз на средба со францускиот претседател Емануел Макрон на кој се очекува да разговара и за проширувањето на ЕУ. Откако во октомври не ги почнавме преговорите со Европската унија, македонските власти гледаат нова шанса и имаат големи очекувања на Самитот во Загреб. Хрватската влада а и самиот Пленковиќ неколку пати повторија дека отворањето на преговорите со Република Северна Македонија и Албанија е нешто што треба да се случи за време на нивното претседателство.
„Ние ќе инсистираме на тоа. Ние одиме амбициозно кон Самитот во Загреб, со јасна цел да почнат преговорите со Северна Македонија и Албанија пред мај“, истакна Андреј Пленковиќ, Премиер на Хрватска.
Основните цели на Хрватска за време на нивното претседателство со ЕУ ќе биде Европа која се развива, Европа која поврзува, Европа која штити и Европа која е влијателна. Владата во Хрватска веќе ги започна подготовки на Самитот на Европската унија која ќе се одржи во мај во Загреб. Според најавите на овој самит ќе бидат поканети да учествуваат и шест држави од Југоисточна Европа.