Од февруари лекарите специјалисти ќе добиваат плата од 100 илјади денари. Ова покачување лекарите го бараа на протест. Пред два месеци екс премиерот Зоран Заев барањето на лекарите за плата од 100 илјади денари, специјалисти го нарече амбициозно.
Денеска министерот за здравство, Венко Филипче најави дека ова барање е реализирано и од февруари специјалистите ќе примаат плата од 100 илјади денари.
Покачувањето на платите од следниот месец ќе имаат и останатите здравствени работници – медицински сестри, општи лекари, соработници и техничкиот персонал. Покачување нема да добие администрацијата во здравството. Со ова покачување тој рече дека ќе се врати достоинството на лекарите за да не си заминуваат од земјава.
Од независниот синдикат на здравство, фармација и социјална заштита велат дека со ова покачување ќе бидат опфатени околу 18.300 вработени во здравството.
Администрацијата во здравството излезе на протест бидејќи не се опфатени со покачувањето на платите. Тие велат дека заслужуваат повисоки плати бидејќи имаат завршено високо образование а медицинските сестри со средно училиште ќе добиваат повисоки плати од нив. МЗ и Независниот синдикат на здравство, фармација и социјална заштита како и синдикатот на Клинички центар постигнале договор за анексите на два колективни договори и истиот е потпишан неколку дена пред да се формира техничката влада.