Македонија

Пратениците „За“ ратификацијата на протоколот – ВМРО-ДПМНЕ не го менува ставот за Законот за одбрана

Кога ратификацијата за Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО ќе влезе во Собрание, треба да добие поддршка од пратениците, и од мнозинството и од опозицијата. Ова го пораачаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на АА, Сурија Рашиди и пратеникот на Движење Беса, Фадиљ Зендели и пратеникот на ДУИ, Артан Груби.

„Нашиот став, на АА веќе е јавен, дека Собранието на Република Северна Македонија треба да го ратификува Протоколот за членство во НАТО пред распуштањето“, вели Сурија Рашиди од АА.

„Ние како Движење Беса начелно го поддржавме. Тоа е едно од нашите стратешки ориентации, членството на земјава во ЕУ и НАТО“, истакна Фадиљ Зендели од Беса.

„Се надеваме, така како што го поддржува ДУИ, така и сите парламентарни партии да го поддржат усвојувањето и ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО, што треба да биде претпоследна одлука на овој парламентарен состав“, додаде Артан Груби од ДУИ.

Но, опозициската ВМРО-ДПМНЕ иако ја поддржува ратификацијата на Протоколот, продолжува да се противи на усвојувањето на Законот за одбрана кој е дел од подготвителната фаза за членство на нашата држава во НАТО. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски изјави дека нема причини зошто да се менува нивниот претходен став, дека нема да гласаат за измена на законот за одбрана, бидејќи истиот предвидува промена на името на Армијата, во Армија на Северна Македонија.

Од друга страна, пратеникот на СДСМ, Костадин Костадинов го нарече лицемерен ставот на ВМРО-ДПМНЕ. Поддршка за Законот за одбрана дадоа и пратениците Рашиди, Зендели и Груби.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни