“Се има почеток и се започнува од еден сон“. Вака лидерот на ДУИ, Али Ахмети преку видео порака го објави стремежот на неговата партија за прв премиер Албанец во РСМ. Откако ги наброја постигнувањата на Албанците во Македонија, наведувајќи ги раководните позиции, министерства раководени од Албанци, вклучувајќи ја и спикерската функција во Собранието, рече дека тоа не е доволно.
„Сега е време за продолжување на сонот. За поголеми соништа, бидејќи дојде време да се постигне повеќе. Северна Македонија е наша земја. Земја за која сме се бореле. Ние имаме еднаков дел во историјата, наследството, економијата и иднината на нашата земја. Сега е време за целосна рамноправност, за преземање одговорност за водство! Време е за прв премиер Албанец во Северна Македонија.“, вели Ахмети.
Ахмети вели дека идејата за премиер Албанец не се однесува на ДУИ ниту на него како претседател. Вели дека тој само го поплочува патот за остварување на овој сон а за кого бара поддршка од сите други албански партии.
Трите албански партии, АА, Беса и Алтернатива рекоа дека ја поддржуваат идејата но се сомневаат во целта на ДУИ велејќи дека тоа го прави за предизборни цели и од страв дека ќе изгуби на изборите. На прашањето во врска со ова, потпретседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска имаше став:
„Кога одите на лекар, прашувате дали е добар, а не дали е Македонец или Албанец“, рече Шеќеринска.
Дента кога ДУИ ја објави оваа идеја, актуелниот коалициски партнер во Влада, Зоран Заев рече дека доколку е ова услов за идната коалиција, тогаш Интегративците ќе останат надвор од Влада.
И опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе изјави дека нивниот претседател Христијан Мицкоски е нивен кандидат за мандатар.
Покрај се, лидерот на ДУИденеска изјави дека оваа идеја можеби изгледа неостварлива и смешна, но тоа го гледа како добро нешто бидејќи кога некој ти го негира сонот те тера да работиш уште повеќе за негово исполнување, затоа својот говор го заврши со барањето да не се губи храброста да се сонува туку да се верува дека соништата можат да се исполнат.
.