Македонија

Чулев го обвини Ковачевски за изнуда – екс директорот на РЕК Битола негира и најави кривична за министерот

Поранешниот директор на РЕК Битола Васко Ковачевски и дел од раководството на компанијата вршеле изнуда врз фирма која претходно добила тендер, обвини министерот за внатрешни работи Наќе Чулев. Тој рече дека според пријавата што ја добиле Ковачевски вршел притисоци за фирмата која го добила тендерот за ископ на јаловина да отстапи дел од договорот на друга фирма. Откако биле отфрлени барањата РЕК Битола го раскинал договорот по што фирмата повела постапка и бара отштета од милион евра.

„Било вршено притисок, односно изнуда со цел дел од договорот да биде отстапен на друга фирма подизведувач која што ниту има капацитет ниту има механизација и која што е блиска до Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Притисокот продолжил, при што од страна на директорот на РЕК Битола бил побаран поткуп во износ од 250 илјади евра“, истакна Наќе Чулев.

Обвинувањата на министерот Чулев се неосновани и ова е доказ дека тој го злоупотребува МВР за партиско политички цели, изјави Ковачевски, кој рече дека ги отфрла таквите наводи како неточни и најави дека ќе поднесе кривична пријава против него. 

„Кога Наќе Чулев веќе сака да бара криминал му препорачувам да се позанимава со времето на владеењето на Христијан Мицкоски како директор на АД ЕЛЕМ сега ЕСМ и да ги истражи тендерите за набавка и увоз на електрична енергија по енормно високи цени. За ваквата денешна изјава нека очекува од моја страна поднесување на кривична пријава против него лично“, посочи Васко Ковачевски. 

Министерот Чулев неодамна за „10 минути“ на ТВ 21 рече дека наскоро ќе бидат обелоденети истраги во кои се вмешани актуелни политички личности. Ќе обелодениме сериозни злоупотреби на системот меѓу нив и на актуелни носители на јавни функции, изјави Чулев.

.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни