Адем Чучуљ едногласно избран за претседател на ДКСК

Собранието на денешната седница го избра Адем Чучуљ за нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Од вкупно 82 присутни пратеници, сите гласаа „за“, со што Чучуљ доби едногласна поддршка.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, повика на поддршка на кандидатот и истакна дека Чучуљ има капацитет да ја зајакне работата и интегритетот на Комисијата.

Новото назначениот претседател е дипломиран правник со положен правосуден испит и речиси две децении работно искуство во ДКСК, каде што моментално ја извршува функцијата генерален секретар. На селекцијата за избор на претседател, тој освои 96,5 бодови – највисок резултат меѓу кандидатите. Комисијата за избор ја оцени неговата стручност, долгогодишно искуство во спречување на корупција и судир на интереси, како и презентираниот план за унапредување на работата на институцијата.

Процедурата за избор почна уште летово, но беше прекината поради локалните избори. За позицијата се пријавија 13 кандидати, од кои во потесниот избор влегоа 10.

Чучуљ ќе ја наследи Татјана Димитровска, која поднесе оставка по објавување на обвиненија во случајот „Адитив“, што се однесуваат на оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.

На истата седница, пратениците ги избраа и новите членови на Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност: Ана Тромбева Гавриловска, Марко Спасов, Мурат Алиу, Бертон Сулејмани, Агим Хазири и Никица Мојсоска Блажевски. Донесена беше и одлука за распишување јавен оглас за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Седницата продолжи со расправа за предлог-одлуката за формирање Анкетна комисија за утврдување на околностите околу постапувањето на институциите во случаите на трагедии и несреќи во државата.