Рускиот претседател Владимир Путин на редовната годишна прес-конференција се осврна и на случајот со тужбата што против Дедо Мраз ја поднесе адвокат од Санкт Петербург бидејќи тој никогаш не му го донел подарокот што го сакал. Путин им посака на своите сонародници Дедо Мраз да им донесе се на што се надеваат оваа година.
Во своето обраќање до печатот, на неговата годишна прес-конференција на крајот на годината, од Путин беше побарано да ја коментира тужбата на Игор Мирзоев, 37-годишен адвокат од родниот град на претседателот, Санкт Петербург.
Мирзојев се пожалил дека во последните две децении Дедо Мраз му донел подароци под секое ниво и побарал 23 нови подароци, како и 10 милиони рубљи како обештетување (околу 136.000 долари), пишува Раша тудеј.
„Тој е адвокат од Санкт Петербург? Јас сум и адвокат, и од Санкт Петербург, така што има случајност – имаме слично потекло“, рече Путин.
„Бидејќи и јас сум адвокат, можам да ја играм улогата на бранител на Дедо Мраз и да го потсетам обвинителот дека Дедо Мраз дава подароци само на добри момчиња и девојчиња, па треба да ја преиспита својата работа и однесување и можеби да најде маани во тоа што му било пречка за да го добие посакуваното“, рече рускиот претседател.
Во тужбата на Мирзојев се товарат операторите на „Татковината на Дедо Мраз“, забавен комплекс во централниот руски град Велики Устјуг, каде што наводно е официјалната резиденција на Дедо Мраз.
Сепак, локалните власти за медиумите изјавија дека документацијата се уште не е доставена и дека судијата допрва треба да даде зелено светло за судењето. Компанијата е основана во 1998 година, а адвокатот инсистира оттогаш да добива отштета за секоја година.
Во интервју за московски Комсомол претходно оваа недела, Мирзоев рече дека неговиот однос од детството со Дедо Мраз бил добар:
„Секоја година наоѓав подароци под елката. Меѓутоа, откако пораснав, околу 1998 година, престанав да наоѓам подароци“.
Надоместокот што го бара очигледно вклучува нов стан, автомобил, викендица и патување низ светот, покрај зголемувањето на сметката во банка.
Запрашан дали е загрижен дека Дедо Мраз ќе банкротира на сметка на децата кои со нетрпение чекаат подароци, адвокатот одговори само дека тој е магионичар, може да најде ресурси за сечија желба.
„Мислам дека Дедо Мраз ќе издржи – се уште верувам во него и се надевам дека ќе ја врати мојата доверба“.
Наводно, Мирзоев се обидел да го тужи Дедо Мраз на почетокот на годината по уште еден разочарувачки подарок, а очигледно му било кажано да побара психолошка помош.
Дедо Мраз, познат како „ледениот татко“ или „Дедо Мраз“ во Русија, на децата им носи подароци не за Божиќ, како на Запад, туку за Нова Година.
