Македонија

Адвокатите подготвуваат жалби до Апелација, адвокатот на Чавков вели: „18 години се многу“

16-мина кои добија затворска казна за случајот “27 Април“ ќе побараат од Апелационен суд да ја поништи одлуката од првостепениот суд. Адвокатите на осудените за настаните од 27 април, подготвија жалби кои ќе ги достават до Апелација.

Највисока казна од 18 години му беше изречена на Митко Чавков, чиј адвокат, Сашо Дукоски, рече дека ќе ги искористат сите правни лекови и жалби кои им ги дозволува законот за кривична постапка.

Пресудата за 18 годинишна затворска казна, екс директорот на БЈБ, Митко Чавков, ја оцени како драконска. Тој во статус на неговиот Фејсбук профил ги повика членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ да се обединат. Иронично порача дека доколку новинарите ја пронајдат наводната вила на Халкидики, ќе им ја подари. Токму информациите за планирано бегство во таа вила беа причината поради која два дена пред изрекувањето на пресудата, Чаков заврши во притвор во Шутка.

И адвокатот на Абдуљфета Халими во телефонски разговор рече дека ќе се жали до Апелација, но не за висината на казната, туку за да ја докаже невиноста на неговиот клиент.

-Абдуљфета Халими, на 27 април не напаѓаше, туку бранеше. Се надевам дека Апелација ќе донесе праведна пресуда и дека нема да има потреба да се жалиме до судот во Стразбур.

Судскиот процес за крвавата ноќ на 27 април 2017 година, почна на 22 август 2018. На почеток беа 33 обвинети, но по законот за амнестија изгласан во Собранието, дел од нив беа ослободени, односно амнестирани. На обвинителна клупа останаа 17 лица. Едно од нив, поточно оперскиот пејач Игор Дурловски во петокот доби ослободителна пресуда, бидејќи како што изјави судијката Кацарска, обвинителството не можело да докаже дека тој ги извршил делата кои му се ставаат на товар.

РЕПОРТЕР: ЗИМЕР ЈАШАРИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни