Судењето за најголемата трагедија во поновата македонска историја би можело да трае и до две децении, смета адвокатката Сузана Јошевска Атанасовска. Таа во гостувањето во емисијата Студио 10 на 24 телевизија оцени дека, со начинот на кој е поставено обвинението, процесот ќе биде долг и сложен, бидејќи мора да се обезбедат сите права на одбраната.
„Нема правен механизам со кој може да се скрати судењето, освен ако сите обвинети не признаат вина, а тоа е малку веројатно, бидејќи дел од нив навистина не се чувствуваат виновни“, изјави Атанасовска.
Таа се осврна и на пораките меѓу вработени во УЈП и сопствениците на фирмата „Пулс“, кои неодамна излегоа во јавноста и за кои обвинителот Коцевски рече дека се само дел од доказите што ги поседува обвинителството. Според Атанасовска, бранителите сè уште не ги добиле овие докази, што, како што рече, претставува проблем за подготовка на одбраната.
За случајот сè уште не е закажан термин за почеток на судењето, а на обвинителната клупа ќе седнат 34 лица и три правни субјекти. Оваа постапка, според правните експерти, се очекува да биде една од најсложените и најдолгите во македонското судство.