Адвокатот Мерџан Даути на рочиштето за ТНТ поднесе три барања до судското тело. Освен превод на записниците на албански јазик, сега бара од судското тело и откажување на рочиштето и проверка на мандатот на двајца судии кои според него наполниле 60 години и бара нивно отстранување од судското тело. Но судијата Огнен Ставрев рече дека тоа може да го направи само Судскиот совет.
„Само Судскиот совет како што ги има избрано судиите поротници може и да ги разреши. Јас немам никаква надлежност за разрешување или прекин на работат на судиите поротници. Тоа може да го направи само судскиот совет“, изјави Огнен Ставрев, Судија.
За ваквото барање адвокатот го известил Судскиот совет како и претседателот на Кривичен суд, Иван Џолев. Според законот за судски постапки, доколку и само еден судија поротник се отстрани од рочиште, предметот треба да почне од почеток. Но дали е ова друга тактика на адвокатот Даути за одложување на предметот?
„Напротив, Законот за судови самиот предвидува, член 80 предвидува дека со полнење 60 години им завршува мандатот како судии поротници и во овој судски процес имаме двајца судии поротници кои наполниле 60 години и треба да им се прекине мандатот. Не се однесува на тактики дека во моментов сум ангажиран на одбраната на мојот клиент“, истакна Мерџан Даути, Адвокат на одбраната.
Според законот за судови се вели дека на судиите поротници им завршува функцијата кога ќе наполнат 60 години. Исто барање за исклучување на судиите поротници имаше и од пратеникот Илија Димовски на рочиштето за предметот Талир. Во двата случаи се уште нема одговор од Судскиот совет.
Првообвинет во ТНТ е екс премиерот Никола Груевски кој според обвинението на СЈО заради политичка одмазда наредил уривање на објектот Космос на бизнисменот Фиат Цаноски, бидејќи во 2011 ја прекинал коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ. Други обвинети се екс министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, екс градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски и други вработени во општината. Бизнисменот Фиат Цаноски за уривањето на комплексот Космос од државата побара оштета од 58.8 милиони евра.