Денеска продолжува судењето за двојното убиство на Вања и Панче.
Адвокатот на Боре Видевски побара да се покажат снимките од бензинска станица во Велес на кои се гледа Панче Жежовски, по што судот прифати.
Бојан Манев, адвокат на обвинетиот Боре Видевски денеска побара да биде изведена како доказ видео снимката побарана од ОЈО Велес од бензински станици на Лукоил и Макпетрол во Велес од 22.11 до 23.11 2023 година.
„Се однесува на денот кога е наведено дека е убиен Жежовски и овој доказ не е изведен, а побаран е со наредба“, побара Манев.
Обвинителката побара овој доказ да биде отфрлен и да не се изведе бидејќи според неа, не бил поврзан со никаква околност.
Сепак судот прифати, да биде изведен овој доказ. Доказот треба да го обезбеди адвокатот и да го презентира на следното рочиште.
Инаку, се работи за снимки кои веќе беа прикажани од контроверзниот српски новинар Срѓан Ного на неговиот Јутуб канал. На тие снимки, за кои тој тврди дека се од бензиската станица близу Велес, се гледа Панче Жежовски како полни бензин, а во возилото се гледа едно лице како седи на совозачкото место и тоа лице наликува на Видевски.