Македонија

Агелер: ЕУ е природниот дом на Македонија, реформите се неопходни!

Агелер: ЕУ е природниот дом на Македонија, реформите се неопходни!

Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, оцени дека Коридорите 8 и 10 имаат суштинско значење не само за националната безбедност на Северна Македонија, туку и за безбедноста на поширокиот регион и за зајакнување на трансатлантската врска. Во изјава за телевизија Сител, Агелер истакна дека овие инфраструктурни правци внимателно се следат и од меѓународните партнери.

Таа нагласи дека Европската Унија е природниот дом на државата и дека актуелната Влада води интензивни и континуирани разговори со земјите членки на ЕУ, со европските лидери и со Европската комисија, во обид да се изнајдат решенија за напредок на европскиот пат.

Според Агелер, иако постои очекување за побрзи и поконкретни резултати во процесот на евроинтеграција, тоа не смее да биде изговор за застој во спроведувањето на реформите. Таа подвлече дека реформите се неопходни и дека патот за нивна реализација е јасно утврден, независно од тоа дали формално се започнати пристапните преговори со ЕУ.

„Критериумите се познати, патоказот постои и сите би сакале да видиме повеќе напредок на тој план“, порача Агелер, додавајќи дека суштинските реформи се клучни за иднината на земјата и нејзината европска перспектива.

Таа не очекува наскоро САД да настапат како посредник меѓу Северна Македонија и Бугарија, но укажува дека има искрена загриженост и интерес и поддржувачки интерес за тоа што се случува во нашата држава.  

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни