Агелер: Сакам да видам помалку зборување од страна на премиерот, а повеќе дејствување во рамките на судството

Американската амбасадорка во Северна Македонија, Анџела Агелер, во гостувањето во „Клик Плус“ на ТВ21 повторно ја отвори темата за состојбата во правосудниот систем и односот на премиерот Христијан Мицкоски кон Обвинителството.

Агелер потсети дека САД досега вложиле значителна финансиска поддршка во реформите во судството, но резултатите и понатаму се далеку од очекуваното.

„Воопшто не ми се допаѓа состојбата во судството. Сакам да видам помалку зборување од страна на премиерот, а повеќе дејствување во рамките на судството“, порача Агелер, нагласувајќи дека задржувањето на фокусот на јавни изјави не ги решава системските проблеми.

Таа додаде дека, иако премиерот нема директна улога во изборот на обвинители, има политичка одговорност да обезбеди услови за функционално и ефикасно правосудство.

„Политичарите можат да зборуваат за многу работи – тоа е дел од нивната работа. Но кога ќе се погледнат постигнатите резултати, јасно е дека реформите се движат бавно“, истакна Агелер.