По усвојувањето на законските измени со кои од 1 февруари започнува со работа системот „Сејф Сити“ и автоматското казнување за сообраќајни прекршоци, фокусот на јавноста се префрли кон прашањето: како ќе се чуваат и контролираат снимките и личните податоци на граѓаните?
САКАМДАКАЖАМ.МК ја праша Агенцијата за заштита на личните податоци дали постои ризик од злоупотреба на снимките од движењето на граѓаните, како и на базите со информации од мејлови, телефонски броеви и регистарски таблици; кои закони треба да се изменат, и кој ќе ја врши контролата врз системот за да се спречат злоупотреби. Прашани биле и дали Агенцијата е задоволна од правната рамка и дали Владата, МВР или Министерството за правда побарале мислење во врска со проектот.
По неколкудневно чекање, Агенцијата одговорила дека контролата врз системот „Сејф Сити“ во делот на заштитата на личните податоци ја врши токму таа институција, и тоа согласно Законот за заштита на личните податоци.
„Согласно законот, Агенцијата спроведува супервизија како независна и системска контрола на законитоста на обработката и заштитата на личните податоци. Супервизијата опфаќа спроведување редовни, вонредни и контролни супервизии, со цел да се утврди дали контролорите и обработувачите ги обработуваат личните податоци на законит и правичен начин и дали се почитуваат правата на субјектите на личните податоци“, одговорила Агенцијата, пренесува САКАМДАКАЖАМ.МК.
Институцијата додава дека во последниот период примила повеќе иницијативи од граѓани и поради стравувањата за можни злоупотреби започнала вонредна супервизија.
„Во рамките на своите законски надлежности, Агенцијата започна постапка за спроведување вонредна супервизија, со фокус на усогласеноста на системот ‘Безбеден град’ со Законот за заштита на личните податоци. Постапката сè уште е во тек, а по нејзиното завршување, јавноста ќе биде информирана за исходот од супервизијата“, навела Агенцијата, наведува САКАМДАКАЖАМ.МК.
Системот е уреден преку Законот за безбедност на сообраќајот, Законот за возила и измените на Законот за прекршоци, а Агенцијата вели дека дала мислења за дел од прописите и дала насоки за усогласување „во текот на имплементацијата“.
„Процесот на усогласување сè уште е во тек и се очекува да биде целосно завршен пред системот да биде ставен во употреба“, додала Агенцијата.
Иако институцијата уверува дека има механизми за контрола, отворени остануваат прашањата за обемот на податоците што ќе се обработуваат, нивното чување и пристап, како и можностите за злоупотреба од страна на институции или трети лица – теми кои, оценуваат правниците и граѓанските организации, се клучни за да не се загрозат демократските права и приватноста.

