Лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, најави дека следниот протест во поддршка на поранешните водачи на ОВК, на кои им се суди во Хаг, ќе се одржи на 13 декември во Скопје.
Протестот е закажан да започне во 13 часот на плоштадот „Скендербег“. Ахмети изјави дека целта е да се побара правда и да се покаже поддршка за, како што рече, „ослободителите кои неправедно се држат во затворите во Хаг“.
Тој ги повика Албанците да се приклучат на протестот, со цел да ја демонстрираат „чистата борба за слобода и независност“. Ахмети претходно учествуваше и на слични протести во Приштина и Тирана, кои беа организирани во знак на поддршка на обвинетите поранешни лидери на ОВК.
Во Специјализираните совети во Хаг се суди на Хашим Тачи, Кадри Весељи, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими за наводни воени злосторства извршени на Косово.