Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, во интервју за РТВ21 отвори можност за свое повлекување од политичката сцена по четврт век активна дејност, но истовремено упати и силни пораки за меѓуетничката стабилност и евроатлантската иднина на земјата.
Говорејќи за својата лична кариера и идната улога во партијата, Ахмети откри дека зад кулисите сè почесто размислува за заминување во пензија, посочувајќи дека 25 години во врвот на политиката не биле ниту лесни, ниту едноставни.
„Искрено, јас лично размислувам за тоа, бидејќи зад мене се 25 години политика и историја. Животот во постојани активности и со состаноци носи свое оптоварување. Сепак, кога ги консултирам сопартијците и соборците, нивниот став е дека сè уште е рано и дека моето присуство и понатаму е неопходно“, изјави Ахмети.
Тој потсети дека партијата веќе поминала низ длабок процес на кадровско освежување со над 83 проценти нови и млади лица во раководните структури, со што, според него, е поставена основата за идното делување на ДУИ.
Покрај за внатрепартиските процеси, првиот човек на ДУИ испрати и јасна порака за државната стабилност и меѓуетничкиот баланс. Тој подвлече дека стабилноста на Северна Македонија е директно условена од рамноправноста на етничките заедници и зачувувањето на стратешкиот курс.
„Северна Македонија не може да опстане и да преживее без Албанците. Албанците во оваа земја не се малцинство, туку државотворен фактор. За да имаме стабилност, мора да негуваме хармонија меѓу двете најголеми заедници, да ги решаваме сите отворени прашања и да чекориме заедно на патот кон Европската Унија и НАТО“, порача Ахмети.