По повод Денот на Републиката – 2-ри Август, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, упати празнична честитка во која се осврнува на историското значење на Илинден, но и на актуелните политички предизвици во државата. Соопштението го пренесуваме во целост:
2-ри Август нѐ потсетува на еден од најблагородните идеали на нашата заедничка историја – уверувањето дека слободата не се гради врз надмоќ, туку врз еднаквост, почит и соживот. Духот на Крушево беше и останува повик за држава во која Албанците, Македонците и сите други заедници ќе ја споделуваат одговорноста и заедничката иднина.
За жал, повеќе од еден век подоцна, наместо да се приближуваме до тој идеал, ние се оддалечуваме од него. Наместо партнерство, на сцена се враќа логиката на доминација, а инклузивноста е заменета со исклучување.
Албанците сѐ повеќе се маргинализираат во клучните столбови на државата:
- Државните институции и администрацијата
- Дипломатијата и безбедносниот сектор
- Правосудството, здравството и образованието
- Економијата и процесите на носење стратешки одлуки
Охридскиот мировен договор, како современо продолжение на Крушевскиот манифест, денес се соочува со отворени обиди за негово деградирање. Сведоци сме на загрижувачки процеси кои го нарушуваат меѓуетничкиот баланс:
Нападите врз службената употреба на албанскиот јазик, укинувањето на механизмот за правична застапеност (балансерот), слабеењето на заштитата од мајоризација и промовирањето на моноетнички концепт се сериозни сигнали за погрешната насока во која се движи земјата.
Уште позагрижувачки е што овие ретроградни политики се овозможени со поддршка од одредени албански претставници во власта. Наместо да ја бранат волјата и достоинството на граѓаните, тие избраа потчинување. Без легитимитет од народот и без храброст да го заштитат националниот интерес, тие не можат да бидат гласот на еднаквоста.
И покрај предизвиците, определбата на Албанците е јасна и непроменета. Ние избравме заедничка, унитарна, демократска и европска Северна Македонија. Држава во која никој нема да се чувствува помалку вреден и која подеднакво им припаѓа на сите. Тоа е единствениот пат кој води кон праведно општество, цврсто втемелено во НАТО и интегрирано во Европската Унија.
Иднината не се гради со поделби, страв или исклучување, туку со прифаќање на државата како наша заедничка татковина. Само врз темелите на еднаквоста, меѓусебната почит и искреното партнерство можеме да изградиме сигурна иднина за сите.