Ахмети со поддршка за протестот во Стразбур: „Правда за поранешните водачи на ОВК“

Лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, изјави дека денес, со „ум и срце“, ќе биде на протестот што го организира ОВЛ УЧК во Стразбур, пренесе Ора њуз.

Ахмети оцени дека токму во Стразбур започнала, како што рече, „големата неправда“ кон ОВК и албанскиот народ.

„Овој суд не пресудува врз основа на неговата мисија, туку врз основа на клевети создадени од Србија и измислици поддржани од Русија. Хашими, Кадриу, Реџепи, Јакупи и останатите се сојузници на Америка и Косово, и нивното место е во Косово“, напиша Ахмети.

Тој додаде дека „нивната невиност е потврдена од американските и европските пријатели во Хаг“, повикувајќи на ослободување на поранешните раководители на Ослободителната војска на Косово.

„Оваа неправда мора веднаш да запре. Албанскиот народ ќе продолжи да се бори за правда и за одбрана на светоста на нашата ослободителна војна“, порача Ахмети.

Протестот се одржува денес од 13 часот пред Парламентарното собрание на Советот на Европа.