Македонија

АХВ со апел: Внимателно со чаевите за слабеење што ги купувате на социјалните мрежи

АХВ со апел: Внимателно со чаевите за слабеење што ги купувате на социјалните мрежи

Производите не смеат да се рекламираат со тврдења дека лекуваат или спречуваат болести бидејќи тоа создава лажна сигурност и ја доведува јавноста во заблуда, порача Жанета Мијоска, раководителка на сектор во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Сѐ почесто сме сведоци на рекламирање на производи за слабеење со тврдења кои не се научно потврдени и кои можат да бидат сериозна закана за здравјето, предупредуваат од Агенцијата. Неконтролирана употреба на чаеви и додатоци за слабеење, особено оние што се купуваат преку социјалните мрежи и нерегистрирани онлајн-продавници, може да предизвика последици како дехидратација, нарушен електролитен баланс и оштетување на органи.

– Консултирајте се со лекар, внимателно читајте ги декларациите и избегнувајте „брзи решенија“ кои можат да имаат долгорочни последици врз здравјето – апелира Радмила Ј. Николовска, државна советничка во АХВ.

Овие предупредувања беа изнесени на работилницата „Придобивки за здравје, мода или заблуда при купување на храна – нутритивни означувања, додатоци во исхрана и здравствени тврдења“, која се одржа во Скопје.

На работилницата беше истакнато дека здравствените и нутритивните тврдења што се наведуваат на прехранбените производи мора да бидат научно докажани и однапред одобрени.

– Наш приоритет е граѓаните да добиваат точни и проверени информации преку јасно декларирање на производите. Само така можат да направат информиран избор при купување храна – нагласи Мијоска.

Од АХВ апелираат граѓаните да бидат внимателни при изборот на храна и додатоци во исхрана и да купуваат само од проверени и регистрирани продавници. Инспекциските служби, како што информираат, продолжуваат со редовни контроли за заштита на јавното здравје.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Минчев, министер за јавна администрација 24.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни